„Кога се јави во Јордан, Спасителу, и кога се крсти од (Јован) Претеча, Христе, си бил посведочен за возљубен Син. Затоа се покажа и како собеспочетен на Отецот, а Светиот Дух на Тебе слегуваше. Од Него, пак, просветлени, викаме: Слава Му на Бога Кој е во Троица“ (прв седален на утрена на Богојавление).
Оној Кој е од пред вековите и Кој заради спасение на луѓето се понижи и се роди од Дева, денес се крштева во водите на Јордан, „за да се исполни секоја правда“ и да покаже дека е во сè сличен на нас, освен во гревот. Овој преголем чин на човекољубие го забележаа и морето и водите на Јордан „кои почнаа назад да се враќаат“. И ние не можеме, а да не го славиме овој празник со најголеми торжества и со уште поголема радост.