На 02.10.2022 година, во соборниот храм „Св. вмч. Георгиј“ во Нови Сад, Србија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто беа свечено канонизирани светиот Иринеј (Ќириќ) Исповедник и светите Бачки новомаченици, пострадани за време на Втората светска војна. На Литургијата чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во сослужение на голем број архиереи од СПЦ, како и голем број гости од останатите помесни цркви, меѓу кои: Митрополитот Василиј Аркадиски од Антиохиската православна црква, Митрополитот Будимпештански Иларион од Руската православна црква, Митрополитот Крфски Нектариј од Грчката православна црква, Архиепископот Михаловско-кошички Георгиј од Словачка, а од Македонската православна црква сослужуваа: Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски Петар, Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј и Митрополитот Повардарски Агатангел. По завршувањето на Литургијата, патријархот Порфириј, како и домаќинот на оваа свечена богослужба Епископот Иринеј, се обратија кон неизбројниот верен народ, и се заблагодарија на сите кои дојдоа да служат и да земат учество во овој свет чин. Од името на нашата Епархија им го честитаме овој светол и радосен ден, а по молитвите на новопрогласените светии, Господ Бог секогаш да нѐ води на патот на Неговите заповеди. На многаја лета!
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
СВ. МЧ-ЧКИ. ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ И МАЈКА ИМ СОФИЈА
„Овци словесни на Јагнето и Пастирот, на огнот и на лути маки бевте предадени, и се покажавте како рамни по чест на ангелите. Затоа сите ние со весели срца го празнуваме вашиот свет спомен, богомудри девици“ (седален на Утрена на празникот на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).
На 30.09.2022 година, денот на славниот спомен на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Лиртургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, игуменот Агатон, свештениците Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, еромонахот Никодим, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Александар Димитријов и ѓаконите Драган Иванов и Марко Спасовски. Денешниот собир беше прилика да се прослават и 20 години од преосветувањето на овој наш прекрасен и неповторлив храм на Мудроста Божја, а по тој повод, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТВОРЕН КРСТ - КРСТОВДЕН
На 27.09.2022 година, денот кога го празнуваме празникот Водвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, откако беше воздигнат знакот на спасението - чесниот Дрво, на Кое Христос нашиот Спасител го положи Својот живот за животот на сета вселена, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Григориј, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
„Денес Марија и Богородица, денес навистина ни засветли како облак на светлина и од праведните (родители) се раѓа за слава наша. Адам повеќе не се осудува, а Ева од оковите се ослободи. Поради тоа, со смелост ѝ се обраќаме на Единствената Пречиста, и викаме: Твоето раѓање ѝ навестува радост на целата вселена“ (седален на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).
Прославувањето на празникот на Рождеството на Мајката Божја, продолжи на 21.09.2022 година, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Љупчо Бакрачески, Александар Крстаноски и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ВЕЧЕРНА БОГОСЛУЖБА НА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
„Овој ден е Господов, радувајте се луѓе, зашто, ете, палата на Светлината, и книга на Словото на животот, од утробата произлезе и, вратата која е на исток, откако се роди, го чека влегувањето на Големиот светител; единствената која Го воведува Христа во вселената, заради спасение на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Рождество на Пресвета Богородица).
Радувајте се луѓе, зашто денеска Бог на земјата свет престол си подготви, Пресветата Мајка Божја, од која телесно се роди нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Денеска со Адама и Ева, со сите старозаветни патријарси, пророци и праведници, и ние се радуваме на почетокот на спасението на човековиот род. Затоа и торжествено постојано ја прославуваме Мајката Божја, која и никогаш не престанува да се моли за нас пред Престолот на нејзиниот Син. Празнувањето на празникот Рождество на Пресвета Богородица започна на 20. 09.2022 година, во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, каде беше отслужен Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.