„Сега ни се јави Спасителовиот Крстител, на пустината красота и печат на пророците, и разумно ги весели мислите на верните, затоа се покажа како Христов Претеча и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, заедно да му повикаме на Јована: Пророку и проповеднику на вистината, моли се за нас да се спасиме“ (седален на Утрена на Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).
Весели се Крстителу, кој го изобличуваш безбожниот Ирод, и на дупите во адот им проповедаш. И оваа година торжествено го прославивме оној за кого Христос кажа дека не се родил поголем меѓу родените од жена. Имено, на 11.09.2022 година, денот кога го празнуваме Отсекувањето на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, беше отслуена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Панарет (од Вселенската патријаршија), Матеј (од Грчката православна црква) и Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Златко Пуреовски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Силуан и Григориј. За прекрасното пеење се погрижија еромонахот Анатолиј и архимандритот Херувим од Грчката православна црква. Оваа торжествена Литургија ќе остане засекогаш во меморијата на ероѓаконот Григориј (Пуреовски), кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во еромонашки чин. Од името на Митрополитот Тимотеј, од свештенството, монаштвото и верниот народ, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Григориј, со молитви и прозби достојно да врви по избраниот пат. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, беше осветено коливото и беше прекршен славскиот колач. Пред многубројниот верен народ, со своја пригодна беседа се обрати Митрополитот Тимотеј, а истата ви ја пренесуваме во целост.