На 05.05.2026 година, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, ја посети НУ Завод и музеј – Охрид.
Притоа, Митрополитот оствари средба со директорот Горан Патчев и со вработените во Заводот и музејот. На средбата се разговараше за проектите од Годишната програма на Министерството за култура и туризам за 2026 година, кои треба да се реализираат со согласност и поддршка од Дебарско-кичевската епархија, како и за други прашања и предизвици поврзани со заштитата на сакралното културно наследство во Охридскиот регион, неговата состојба, потребата од интервенции за негово зачувување и неговата промоција пред пошироката јавност.
















