„На жените мироносици си им заповедал да се радуваат, плачот на прамајката Ева си го прекратил со Твоето Воскресение, Христе Боже, а на Твоите апостоли си им наредил да проповедаат: Спасителот воскресна од гробот.“1
На 25/26.04.2026 година, во Втората недела по Пасха, во денот кога Црквата го прославува споменот на светите жени Мироносици, во манастирот „Света Великомаченица Недела“ во с. Оровник, Охрид, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, Пасхалното торжество оваа година се круниса со уште еден радосен настан — молитвено застапништво на св. вмч. Недела во с. Оровник, Охрид, и поклонение на нејзините свети мошти.
Празнувањето започна во вечерните часови на 25.04.2026 година, кога црковна делегација од Охрид свечено ги донесе моштите на светата великомаченица во црквата посветена на „Св. пророк Илија“ во с. Оровник. Оттаму, со свечена литија и во присуство на многуброен народ, моштите беа пренесени во манастирот „Св. вмч. Недела“. Веднаш потоа беше отслужена Воскресна вечерна богослужба.
Празнувањето и радоста продолжија и наредниот ден, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент.
Верниците имаа можност да се поклонат на моштите на св. вмч. Недела и да го испросат нејзиниот благослов и молитвено застапништво пред Бога.
Христос Воскресна!
















































































Во продолжение линк од видео материјалот: https://www.facebook.com/reel/1679099459911766
- Кондак од Втората недела по Пасха. ↩︎






