,,Каменот Христос, денес светло го прославува каменот на верата – избраниот меѓу учениците, и со Павла целиот собор на дванаесетмината апостоли. Верно извршувајќи го нивниот спомен, Го славиме Оној што нив ги прослави.“1
На 13.07.2026 година, во денот кога го прославуваме Соборот на светите славни и сефални апостоли, познат и како Павловден, во храмот „Света Софија“ во Охрид беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Во продолжение ви ја принесуваме беседата произнесена од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан: Беседа на Архиепископот Стефан по повод Соборот на светите славни и сефални апостоли и годишнината од архијерејската хиротонија на Митрополитот Георгиј.
Со благодарност кон Семилостивиот Бог, денес молитвено ја одбележуваме првата годишнина од архијерејската хиротонија на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Архијерејската служба е возвишен благодатен дар и голема одговорност, повик за непрестајно сведочење на Евангелието Христово, за грижливо пастирствување со довереното словесно стадо и за неуморно служење на Светата Христова Црква. Исполнувајќи ја првата година од својата архијерејска служба, нашиот возљубен Архипастир, со ревност, смирение и татковска љубов, достојно го носи архијерејскиот крст, духовно раководејќи го клирот, монаштвото и верниот народ на Дебарско-кичевската епархија.
По повод оваа годишнина, редакцијата на Дебарско-кичевската епархија заедно со верниот епархиски народ, упатуваме срдечни и искрени честитки, молејќи Го Семоќниот Господ да му подари крепко здравје, духовна сила, мир и изобилство од Својата благодат, за уште многу години мудро и достојно да ја предводи Богочуваната Дебарско-кичевска епархија, во полза на Светата Црква и за спасение на доверениот му верен народ.
На многаја и благаја лета, Високопреосвештен Владико!



































- Кондак на празникот Павловден. ↩︎






