Говор на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, изговорен на промоцијата на книгите „Посланија и беседи“ и „Таков архијереј ни требаше: зборник на трудови во чест на Архиепископот Доситеј“, во НУ „Музеј на македонската борба за самостојност“, Скопје, на 10 декември 2025 лето Господово
Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства и Преосвештенства, почитувани свештени отци, драги пријатели во Господа,
Денес сме овде собрани со особена радост да ја одбележиме објавата на две извонредни дела, посветени на архиепископот Доситеј – првиот поглавар на возобновената Македонска православна црква; а со тоа и да му оддадеме почит и признание на овој наш великан, духовен отец, патриот и визионер, кој остави неизбришлив белег во нашата современа црковна и национална историја. Поводот за подготовката на двете изданија е јубилеен – 100 години од неговото замонашување во 1924 година. Со овие две промотивни дела – првото за него, второто од него – ние не само што чествуваме еден чин од неговиот живот, туку ја чествуваме и нашата црковна и духовна историја. Овие две дела се сведоштво за еден богобарателски беспрекорен живот на духовен водач, целосно посветен во служба на Бога и на својот народ.
Архиепископот Доситеј беше човек кој стоеше цврсто на темелите на верата, но и човек кој знаеше дека духовната слобода на еден народ е неопходна за неговото автентично постоење. Неговата мисија не беше ниту краткотрајна, ниту лесна; таа беше исполнета со пречки, отпори и големи искушенија. Но тој непоколебливо, со тивка решителност, со мудрост и со силна верба во правото на Македонците на сопствена духовна независност, го заоди патот што доведе до возобновувањето на Охридската архиепископија во ликот на Македонската православна црква.
Тој не беше само пастир; тој беше светилник на надеж и пример на одлучност, доблесност и интегритет. Неговиот живот и дело нè поучуваат дека вистинското пастирство се состои и единствено постои во ревносна служба на Бога и на својот народ. Кога во 1958 година ја презеде улогата како прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква, архиепископот Доситеј не ја презеде само честа, туку ја презеде и крсната тежина на една многувековна борба. Знаеше дека секој чекор ќе биде тегобен, а секоја одлука – преиспитувана. Но тој одлучно зачекори напред, со истата вера во Бога и со верба во својот народ што ги водеше нашите претшественици. Затоа што неговата мисија беше поголема од него – беше мисиja за цел народ, не само за тогашните, туку за сите идни поколенија; а тоа е да го зачувува духовниот континуитет што нè поврзува со свети Климент, свети Наум и со вековната традиција на Охридската архиепископија.
Тоа што денес го имаме како духовен столб на нашиот идентитет – нашата Црква, нашиот духовен глас меѓу православните цркви – е резултат на трудот, залагањето и визијата на архиепископот Доситеј. Тој знаеше дека Црквата Божја не смее да служи на интереси, туку за да го зајакнува народот, да го воспитува и да му ја крепи надежта. Токму затоа денес, со овие дела посветени на неговиот живот и служба, ние се потсетуваме дека духовните водачи како Доситеј продолжуваат да живеат преку нивниот и нашиот збор, во секоја наша црква, во секоја молитва, на секој празник што го празнуваме.
Првото дело посветено на архиепископот Доситеј е насловено „Таков архијереј ни требаше“. Станува збор за зборник составен од 10 научни труда, различни по теми и содржини, но сите восредоточени на Доситеевата личност и дело.
Како што доликува, зборникот започнува со сеќавањата на сегашниот поглавар на Македонската православна црква и негов наследник, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, истакнувајќи дека значајните личности преку нивните дела „доаѓаат, се вградуваат и остануваат во спомените и во сеќавањето на луѓето, па стануваат историја“. И како што вели, за неговиот подвиг и неповторливо дело, „тој е веќе забележан како трет свети Павле и втор Свети Климент по македонската земја и меѓу македонскиот народ“. Навраќајќи се на своите сеќавања за својата прва средба по повод празникот на свети Климент во Богословијата во 1970-тата година, архиепископот Стефан си спомнува за Доситеј како архиепископ „кој имаше лик на испосник со побелена брада и благ и мил поглед“, а таа и сите понатамошни средби ги опишува како средби „со најсаканиот и најпочитуваниот“. Тука е осветувањето на камен-темелникот на Соборниот храм во Скопје, но и заеднички или лични средби на архиепископот Стефан со него како богослов, студент, професор, како и нивната последната средба.
Следниот текст е на ѓаконот проф. д-р Дејан Борисов, а го обработува периодот на архиепископот Доситеј од богослов до сингел. Почнувајќи со белешки за неговото детство, школување, запишување во богословија, младиот Димитар се враќа во пределите од каде што потекнува неговото семејство, во манастирот „Света Богородица – Пречиста“ во Кичево, каде по замонашувањето го добива името Доситеј. Потоа текстот го следи неговото заминување на Хиландар, а и враќањето и продолжувањето на школувањето во Битолската богословија, ракополагањето во ѓаконски и свештенички чин, студиите на Факултет, приложувајќи бројна детална документација за овој дел од неговиот живот.
Посебно откровенски текст за архиепископот Доситеј е оној на епископот хераклејски Климент, кој се задржува на неговиот монашкиот лик: Доситеј како пречистански и светогорски монах. Низ страниците, авторот ни открива нови – можеби доскоро за пошироката и понова наша јавност не толку познати – аспекти на една богољубива и богокопнежлива душа. Оној кој вообичаено е познат како возобновител на самостојноста и автокефалноста на нашата света Црква и нејзин прв поглавар, тука е претставен како „молитвен и посветен монах“, обдарен „со подвижничко трезвеноумие“. Така, тој ни говори за монашката ќелија, за ревноста која неретко ги надминувала неговите сили, за желбата засекогаш да остане во манастирот во којшто е замонашен, но и за смиреното прифаќање на поинаквата Божја промисла и заминувањето за Света Гора, во тоа „подрачје на тајната каде што тишината, односно самата вечност, громко проговорува, бидејќи тишината е јазик на идниот век“. И потоа, повторно дома, и повторно од почеток. За монахољубието, авторот споделува зборови од една Доситеева беседа, каде што вели: „Јас навистина го сакам манастирскиот живот; сум го сакал со искрена жар уште од мојата рана младост… Она што е душата за телото, тоа се живите манастири за нашата света Црква“.
Блаженоупокоениот митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј дава значаен преглед на архиепископот Доситеј и на црковната дијаспора, навраќајќи се на основањето на првите македонски црковни општини надвор од Татковината – во Австралија, во Америка и во Европа – осветувањето на бројни македонски храмови на тие територии, основањето на Американско-канадската и на Австралиската епархија.
Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар длабински го проучува проповедничкото Доситеево наследство во текстот за богословието во неговите слова. Како што авторот со право забележува, „беседите, говорите и поуките на архиепископот Доситеј се претежно кратки, но содржајни и изобилуваат со цитати од Светото писмо, во кои прецизно се изразуваат Светите тајни и догмите на православното учење“, како и со истакнување на добродетелите во животот на православниот христијанин: за послушанието, за молитвата и за несоздадената светлина. Посебно ја истакнува личноста на свети Климент Охридски како тема на бројни Доситееви беседи.
Протоѓаконот проф. д-р Кирче Трајанов својот придонес во оваа збирка го дава преку текстот „Омилитички осврт кон проповедничкото наследство на архиепископот Доситеј“. Тука говори за етосот на проповедникот, за проповедта за Богочовекот Христос и за вечниот живот, за омилитичко-реторскиот облик на проповедите. На крајот дава заклучок, што е воедно и порака, па вели: „ниту една омилитичка анализа не може да биде замена за непосредното читање на изворните проповеднички текстови“.
Проф. д-р Анета Јовковска пишува за архиепископот Доситеј како „Возобновител на духовното образование и воспитание во Македонија“, за неговата улога во основањето на Македонската православна богословија и на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, но и за посветувањето на посебно внимание на духовното образование во неговите проповеди, та со право го споредува за достоен продолжител на светиклиментовото црковно-просветно дело.
Епископот Никола Велички, пак, во својот текст „Моите најголеми радости“ се навраќа на монаштвото во времето на младиот Доситеј, време на интензивно возобновување на монаштвото на нашите територии, давајќи посебен осврт на руското монаштво во Македонија во периодот меѓу двете светски војни. Мошне важни се и забелешките за значајните личности од Битолската богословија, како и за игуменот Григориј, духовникот на младиот Доситеј.
М-р Даријан Сотировски, во својот текст „Доносителот на македонското црковно воскресение“, давајќи воведен опис за црковните состојби и процеси на Балканот во последните векови, главно се задржува на улогата и значајноста на Доситеј во процесот на возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. За Доситеј, како прв домороден владика од нашата поблиска историја, вели дека е „малото преживеано коренче на македонската црковна вистина…, кое, кротко и незабележливо, во налетот на долгоочекуваната македонска пролет, било допрено до плодна почва и почнало да расте, да се развива, да пушта нови жили, да црпи сили, да развие стебло“, чија крошна денес е разгранета во Татковината и ширум светот.
Последниот текст се навраќа на почетокот – на монашењето на архиепископот Доситеј. Манастирот Света Пречиста Кичевска е тема на текстот на проф. д-р Сашо Цветковски. Покрај претставувањето на историскиот развој на манастирот низ вековите, посебно значајно е вниманието посветено на архитектурата, иконописот, но и на книжевната дејност и оставштина на манастирот.
Второто дело, насловено „Слова и беседи“, е збирка на велигденските, божикните и илинденските посланија на архиепископот Доситеј, како и сите негови беседи и обраќања, кои се изговорени во текот на неговата 23-годишна архипастирска дејност, а потоа и објавени во Службениот весник на МПЦ. Самите посланија, беседи и слова имаат вонредна вредност, не само затоа што се изговорени од историски исклучително значајна личност, туку и поради историскиот карактер на поводите и времињата кои го одбележале неговото архипастирствување.
По воведното слово од архиепископот Стефан, следуваат три воведни текста подготвени од д-р Александар Атанасов, како и од богољубивите отци, д-р Александар Крстаноски и м-р Александар Димоски, којшто е воедно и уредник на ова исклучително издание. Потоа следуваат: 23 велигденски и божикни посланија, 5 илинденски посланија, 6 јубилејни посланија и обраќања по повод, 42 празнични и 8 неделни беседи, 74 беседи на настани и свечености и 6 честитки и сочувства – сето тоа собрано на над 700 страници.
Во оваа збирка на беседи и слова, незапирливо се открива Доситеевиот непоколеблив дух и посветеност на духовното добро на својот народ. Секое слово е повик за истражување на предизвиците со кои се соочувал и победите кои ги освојувал. Секоја проповед е можност за учење, растење и, пред сè, за делување. Во момент кога Црквата има потреба од повеќе љубов, разбирање и единство, можеме да се поучиме од животот и делата на Доситеј, та и самите да станеме носители и делатели на љубовта и единството.
Архиепископот Доситеј, преку своите беседи и посланија, кои се еден вид историски архив, не само што остави белешка за животот на нашата Црква во еден исклучителен историски период, туку ја пренесе својата визија за црковното, духовното и моралното обновување на македонската заедница. Со јасни пастирски пораки, тој маестрално ги поврзува евангелските пораки со актуелните предизвици, оставајќи сведоштво за неговата татковска грижа за својот народ. Неговите зборови, исполнети со љубовна продуховеност и доблесна мудрост, треба да нѐ поттикнат на размислување за сето она вредно што ни е предадено во наследство.
Овие две дела, што денес се промовираат, претставуваат многу повеќе од биографско сведоштво или обична збирка на проповеди. Напротив, тие се еден вид духовна карта преку која ја препрочитуваме историјата на нашата Црква. Тие се прозорец низ кој гледаме колку е скапоцена црковната слобода што ја имаме. Тие се потсетник дека ништо во нашата духовна и национална историја не дошло само од себе, туку е извојувано со многу мудрост, посветеност, трпение, молитва и жртва.
Нека ова двотомно издание посветено на архиепископот Доситеј биде светилник за идните поколенија. Нека ги надмине рамките на историски запис и нека стане двигателно вдахновение за сите кои го чекорат овоземниот пат кон Царството небесно. Нека нè охрабри да бидеме посветени на вистината, единството и љубовта – вредности што архиепископот Доситеј ги живееше и за кои се бореше.
Почитувани присутни, со ова дело ние не го величаме само минатото – ние се обврзуваме на иднината. Иднина во која Македонската православна црква ќе продолжи да биде силен духовен столб. Иднина во која ќе ја чуваме верата, културата и идентитетот што архиепископот Доситеј ни ги предаде како наследство. Најмалку што ние можеме да сториме е напишаното да го прочитаме, за пораките да ги споделиме. И тоа е начин да се потврдиме како дел од наследството на Доситеј, кој еден многувековен сон успеа да го преточи во стварност. Нека споменот за архиепископот Доситеј остане вечен, а неговиот пример – водилка што нема да престане да нѐ вдахновува во нашиот од, за смирено, но достоинствено да чекориме кон Царството небесно.
† Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски






