„Создателот и Господар на вселената, одејќи, на патот најде слеп човек како седи, плаче и говори: Во животот не видов ни сонце да сјае, ниту месечина да зрачи светлина. Затоа Ти викам: Ти, Кој се роди од Дева, Кој просветлуваш сѐ што постои, просветли ме, како Милосрден, за да Ти викам, паѓајќи пред Тебе, Владико Христе Боже: Дарувај ни прошка на гревовите, поради изобилната милост Твоја, Човекољупче!”1
На 17.05.2026 година, во Шестата недела по Пасха – Неделата на слепиот, кога го празнуваме и споменот на св. мч. Пелагија, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Овој ден беше исполнет со голема радост за сите присутни, бидејќи се навршуваат точно 35 години од преосветувањето на манастирската црква и од ракополагањето во јеромонашки чин на архимандритот Нектариј. Тој е еден од првите возобновители на монаштвото во поново време, кој неуморно и постојано работи на нивата Господова, посветувајќи го речиси целиот свој живот на светинаумовиот манастир, како негов игумен.
По тој повод, а во знак на благодарност за неговиот долгогодишен и несебичен труд, Митрополитот Георгиј, од името на епархијата, му подари граден крст и му посака уште многу години, по молитвите на свети Наум Охридски, Бог да го укрепува во неговите подвизи и дела.
Христос Воскресе!






























































- Седален од Утрената богослужба за Неделата на слепиот. ↩︎






