„Откако стигнавме, верни, до спасителното страдање на Христа Бога, да го прославиме Неговото неискажливо долготрпение, та со Своето милосрдие, да нѐ издигне со Себе и нас умртвените од гревот, како добар и Човекољубец“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Велики понеделник).
На 18.04.2022 година, во светиот и Велик понеделник, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.