„Подражателу на апостолите, правило на архиереите, убавино на преподобните, сострадателу на страдалците, без крв како маченик се овенча, зашто си беседел во тешки маки, носејќи го Христовото име божествено, и секогаш смело проповедајќи ја тајната на Света Троица. Нејзе не престанувај да и се молиш, Науме, за оние што тебе те прославуваат“ (седален по полиелејни псалми на Утрена на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец).
Почитта и големината на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец се неискажливи. Тоа е чувството на верниот народ, кој знае дека Преподобниот не живеел за себе, туку повеќе Христос живеел во него. Светинаумовото учење блеснало во нашата земја македонска, а поради неговиот труд и молитвите, многумина поверувале и ја спасиле својата душа.