„Господи, денес ѝ се јави на вселената, и Твојата светлина, се покажа врз нас, кои разумно Ти пееме: Ти си дошол и си се јавил, Светлино непристапна.“ 1
На 19.01.2026 година, денот кога го прославуваме споменот на светото Крштение Христово, на празникот на Светото Богојавление на Господ наш Исус Христос – Водици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дербаско-кичевски г. Георгиј.
На Литургијата, со многубројниот народ, присуствуваше и градоначалникот на Охрид, г. Кирил Пецаков. По Литургијата, Митрополитот, со дел од свештенството и многубројниот народ, со свечена и торжествена литија се упати кон Градското Пристаниште, каде што го изврши чинот на Големиот Богојавленски водосвет на Охридското Езеро и го положи Крстот во осветените води. Оваа година најсреќен беше Мартин Гоџо. На Градското Пристаниште, покрај илјадниот народ, присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, како и министри и пратеници.
По извршениот чин на Големиот Богојавленски водосвет и спуштањето на светиот крст во водите во Охрид, празничното торжество продолжи во Струга. Во реката Црн Дрим, чинот на осветувањето на водите и спуштањето на светиот крст го изврши Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. Прв до светиот крст доплива Петар Чакарески од Струга. На свеченоста, покрај градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска Давкова, како и министри, пратеници и голем број верници.






















































- Кондак на утрена на празникот Свето Богојавление – Водици. ↩︎






