„Сите ние да го прославиме големиот архипастир и ерарх, архиепископот Мирликиски Николај, зашто спаси многу луѓе кои требаше неправедно да умрат: тој му се јави на сон на царот, како и на Авлавија, да ја поништи неправедно донесената одлука“
(светилен на Утрена на св. Николај Архиепископ Мирликиски Чудотворец).
На 19.12.2025 година, на денот кога го прославуваме споменот на светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
По завршувањето на Литургијата, Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкан Медиа“ – Охрид, во соработка со Општина Охрид и со благослов на Митрополитот Георгиј, ја започна најголемата хуманитарна акција оваа година.
На Градскиот плоштад во Охрид, најмладите охриѓани топло му посакаа добредојде на Владиката, кој ги поздрави со благодарно слово, осврнувајќи се на денешниот празник. На крајот, беа поделени новогодишни пакетчиња, носејќи радост и насмевки на најмладите.











































