Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа (1. Тим. 3, 1)
Еве вака светиот апостол Павле учи за епископството, учејќи не за земната слава на Епископот туку за неговиот подвиг, жртва и љубовта кон Христа и Црквата. Ете таков подвиг и жртва изминативе денови зеде врз себе и многупочитуваниот Архимандрит Никола, од манастирот „Св. Никола“ во с. Мариово, Прилеп, кој со Одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија беше избран за викарен Епископ на Преспанско-пелагониската епархија со титула Епископ Велички. Имено, наречението на новиот Епископ Никола беше извршено на 20 јануари 2024 година, пред Вечерната богослужба, во соборниот храм „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во Битола, а потоа новонаречениот Епископ началствуваше на Вечерната богослужба. Утредента, на 21 јануари 2024 година, во Триесет и третата недела по Педесетница (Неделата по Богојавление) и на празникот на св. Григориј Охридски, на светиот Григориј Хозевит и на св. Домника, во истиот храм, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар, Тимотеј, Агатангел, Јован, Иларион, Јосиф, Григориј и Јосиф, на Епископите Јоаким, Марко, Климент и Јаков, архимандритот Никодим, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски, Блаже Цековски и Маријанчо Мадевски, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и Тони Кузмановски, игумените Серафим и Агатон, еромонасите Мојсеј и Висарион, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Драган Ѓорѓиовски, Влатко Стојменов, Александар Димитријов, Ѓорѓи Делев и Константин Секоски, ѓаконот Драган Иванов и ероѓаконот Јаков. На Литургијата, новонаречениот Епископ Никола, од раката на Архиепископот Стефан и другите Архиереи, беше ракоположен во Епископски чин. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон многубројниот верен народ и новиот Епископ Никола со пригодна беседа, а потоа, на новиот Епископ му го врачи архиерејскиот жезол. На самиот крај, примајќи го тешкиот архиерејски жезол и подвиг врз себе, Епископот Велички г. Никола ја искажа својата пристапна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. Од името на нашиот Митрополит Тимотеј, чесното свештенство и монаштво и верниот народ од нашата Епархија, му го честитаме чинот на Епископот Никола, со желби и молитви правилно да раководи со словото на вистината, верно и со љубов да го води довереното стадо, за прослава на светата православна Црква, за афирмација на нашата света Македонска православна црква и за спасение на неговата душа. На многаја лета!